Чистење и одржување на контактни леќи

Доколку користите контактни леќи, особено е важно на правилен начин да ја одржувате нивната хигиена, со што ќе Ви биде овоможен кристално јасен вид и здрави очи, без несакани нелагодности и инфекции. Правилното чистење и одржување на контактните леќи опфаќа неколку правила кон кои треба задолжително да се придржувате:

 

1. Пред ракување со леќите секогаш измијте ги рацете. Кога рацете ќе дојдат во контакт со нечист предмет, тие стануваат носители на бактерии, па во допир со окото лесно можат да предизвикаат инфекција. Рацете треба да се мијат со сапун и темелно да се сушат пред ракување со контактните леќи.

2. Контактните леќи секогаш мора да бидат чисти. Контактните леќи треба правилно да се исчистат според упатството од производителот или Вашиот офталмолог. Најчесто леќите се носат преку ден, а навечер се чуваат во посебно кутивче со течност.

3. Дезинфицирајте ги вашите леќи. Користете препорачана течност за контактни леќи. Денес постојат различни видови на течности кои со својот состав овозможуваат темелно чистење на леќите од насобраните протеини и нечистотии. Избегнувајте да користите обичен физиолошки раствор бидејќи тој не ги дезинфицира Вашите леќи, туку служи само за плакнење.

4. Користете соодветна течност. На пазарот можете да најдете различни типови на течности за чистење на контактни леќи. Современите варијанти подразбираат All in One течности, кои што ги чистат, дезинфицираат, навлажнуваат и вршат депротенизација на Вашите контактни леќи. Доколку користите тврди и полутврди леќи тогаш користете соодветна течност за нив бидејќи истата се разликува од течноста која се користи за чистење и одржување на меки силиконски леќи.

5. Почитувајте го рокот на траење на течноста. Течностите имаат различен рок на траење, но тоа важи доколку течноста е херметички затворена. Штом ќе ја отворите течноста, истата е препорачливо да ја искористите во рок од 90 дена, бидејќи после тоа време самата течност веќе губи дел од своето дејство.

6. Секогаш користете производи со неизминат рок на траење. Секој пат кога ги чувате Вашите леќи во соодветен сад или ги плакнете, внимавајте да користите свеж раствор за плакнење, дезинфекција и чување на контактни леќи.

7. Исфрлете ја искористената течност. Секогаш исфрлајте ја течноста за дезинфекција во која леќите ја поминале ноќта. Не дотурајте течност во веќе искористената течност.

8. Леќите чувајте ги во посебни кутивчиња за леќи. Контактните леќи секогаш треба да се чуваат во чисто дезинфицирано кутивче за леќи. Кутивчињата најчесто можете да ги најдете во течностите за чистење на леќите.


9. Одржувајте ги чисти кутивчињата за леќи. Се препорачува кутивчињата за чување на контактни леќи да ги чистите со средства за чистење на леќи, а не со вода. Кутивчињата за леќи треба да се менуваат најмалку еднаш во три месеци.

10. Редовно заменувајте ги контактните леќи. Секогаш придржувајте се до рокот на траење на леќите. Ако користите месечни леќи, истите треба да ги промените после еден месец.

11. Никогаш не преспивајте со леќите. Освен доколку не е посебно наведено, треба да избегнувате преспивање со контактните леќи

12. Пред контакт со вода извадете ги контактните леќи. Контактните леќи препорачливо е да се извадат пред пливање особено во солена вода, туширање или капење.

НАПОМЕНА : ДОКОЛКУ ИМАТЕ ДИЛЕМИ ИЛИ ДОДАТНИ ПРАШАЊА, ОБРАТЕТЕ СЕ НА НАШИОТ ИСКУСЕН И ПРОФЕСИОНАЛЕН ПЕРСОНАЛ

 

ЌЕ БИДЕМЕ СРЕЌНИ ДА ВИ ПОМОГНЕМЕ