Доколку сте нов корисник на контактни леќи, односно за првпат се соочувате со потребата од нивно користење, сигурно имате неколку типични дилеми и предрасуди. Но, не сте единствени. Во светот постојат огромен број на корисници на контактни леќи кои барем еднаш се соочиле со некоја дилема од типот: дали контактните леќи се правиот избор за мене, дали ќе успеам да научам да ги ракувам, а што ако ги изгубам и слично.
- Јас неможам да носам контактни леќи. А зошто да не? Технологијата за изработка на контактни леќи постојано напредува, така што денес постојат различни производители кои што нудат голем избор на контактни леќи, од различен материјал и со различен состав. Во консултација со Вашиот офталмолог или оптичар, сигурно ќе го пронајдете најсоодветното решение и правиот избор на контактни леќи.
Нема да научам како да ги ставам и вадам контактните леќи. Точно дека можеби на почетокот ќе наидете на неколку потешкотии околу вметнувањето и вадењето на леќата во окото, но со малку трпение и пракса сигурно ќе го совладате тој чекор. Важно е да ја наместите леќата во правилната позиција, односно да не ја вметнете во окото свртена наопаку, бидејќи тоа ќе Ви предизвика непријатности, но сепак, нема да влијае штетно на здравјето на Вашите очи.
Леќата може да ми падне и да ја изгубам. Освен ако не е правилно фитувана, контактната леќа нема да испадне од Вашето око. Затоа, пред употреба на контактни леќи, потребно е да направите детален очен преглед за леќи кој што се разликува од оној преглед за носење на диоптриски стакла. Вашиот офтамолог ќе ја измери базната крива на окото и во согласност со тоа, ќе Ви препорача контактни леќи со точна базна кривина и дијаметар.
Леќата може да ми избега од окото. Бидејќи е исклучително тенка, многу почетници имаат мислење дека леќата може да избега од зеницата. Но, бидете безгрижни! Самиот облик на окото е формиран така што е невозможно леќата да избега.
- Контактните леќи предизвикуваат инфекции. Доколку на правилен начин ги користите, одржувате и чистите контактните леќи, тогаш ризикот од очна инфекција е многу мал. При користење на леќите секогаш треба да одржувате високо ниво на хигиена на Вашите раце и да користите течности и раствори кои што се соодветни за Вашите очи и леќи. Повеќе околу одржувањето и чистењето на леќите можете да прочитате тука.
- Леќата може да ми се залепи за окото. Само доколку имате проблем со влажноста на окото може да наидете на мали потешкотии при вадењето на леќата. Но, невозможно е леќата да остане “залепена” за окото. Денес постојат различни видови на специјални капки за очи, т.н. вештачки солзи кои што инстантно го решаат проблемот со влажноста на очите. Исто така, иако иницијално имате мислење дека доколку имате суви очи треба да користите леќи со поголем процент на вода, вистината е дека за суви очи подобро решение се контактни леќи со помал процент на вода.
- Јас сум престар/а за користење на контактни леќи. Старосната граница не претставува никаков проблем во носењето на контактни леќи. Баш напротив, денес постојат различни леќи кои што ефикасно ја третираат диоптријата и за блиску и за далеку (мултифокални леќи), така што носењето на леќи може само значително да Ви биде од помош.
За да ги избегнете можните несакани последици околу користењето на контактните леќи, запомнете неколку "златни" правила:
- Секогаш придржувајте се до советите и препораките кои Ви ги дал Вашиот офталмолог
- Секогаш одржувајте беспрекорно ниво на хигиена не само на контактните леќи, туку и на Вашите раце кои се најголем преносител на бактерии
- Секогаш користете ги леќите и течностите според упатството и во соодветниот рок на траење
- Секогаш обратете се навреме кај Вашиот офталмолог доколку заприметите црвенило на окото или неудобност во носењето на контактните леќи
- Секогаш користете ги препорачаните контактни леќи во соодветна диоптрија, избегнувајте сами, на своја рака, да користите леќи кои не се препорачани за Вас од соодветно стручно лице