Кои контактни леќи се вистинскиот избор за Вас?

При купување контактни леќи за првпат најважно е да се направи специјализиран очен преглед за контактни леќи. Овој преглед е различен од очниот преглед за стакла и како таков содржи различни параметри кои што овозможуваат правилен избор на контактни леќи кои што ќе Ви овозможат удобно носење без никакви последици. Денес, на пазарот се нудат различни типови на контактни леќи и затоа е особено важно да ги следите советите кои што Ви се препорачани од Вашиот офталмолог или оптичар.

Особено е значајно точно да се утврди кои тип на контактни леќи се најдобро решение за Вашиот вид, од кој материјал треба да бидат изработени и кој е нивниот период за носење.

  •  Материјал од кои се изработуваат контактни леќи

Материјалот од кои се изработени леќите е најважната карактеристика, бидејќи од тоа зависи колку леќите ќе бидат удобни, флексибилни и здрави за носење. Постојат неколку различни материјали, а главно леќите можат да се поделат на тврди, полутврди и меки кои можат да бидат хидрогел и силикон - хидрогел контактни леќи. Меките, силикон - хидрогел леќи се најсовремен тип на контактни леќи бидејќи овозможуваат најголема пропустливост на кислород и со тоа претставуваат можеби најдобар избор. Повеќе околу материјалот на изработка можете да прочитате тука.

  •  Времетраење на контактни леќи

Кое ќе биде времетраењето на леќите е во зависност од Вашите потреби и активности. Постојат неколку различни видови на леќи со различен период на носење.

  • Еднодневни контактни леќи - тоа се леќи за еднократна употреба, се носат преку ден, а потоа се фрлаат. Секој нареден пат се користат нов пар леќи и на тој начин се оневозможува таложење на протеини и нечистотии на површината на леќата, а со тоа се спречува појава на разни иритации и неудобност при носење на леќите. Претставуваат одличен избор за луѓето кои имаат чувствителни очи или имаат проблем со иритации и се најдобро решение доколку немате потреба од секојдневно носење на леќи, туку само во одредени активности или посебни пригоди.
  • Контактни леќи со продложено носење - тоа се леќи кои што дозволуваат да се преспива со леќите без ризик, овозможуваат голема пропустливост на кислород до рожницата што ги прави безбедни да можат да се носат континуирано дури и до 30 дена без да се извадат.
  • Месечни контактни леќи - тоа се леќи кои што континуирано се носат секојдневно, а навечер се чуваат во течност за чистење. Се носат 30 дена, а потоа се заменуваат со нов пар.
  • Годишни контактни леќи - тоа се леќи со планирано носење од 365 дена. Се носат преку ден, а навечер се чуваат во течност за чистење. Ваков тип на леќи најчесто се изработуваат како тврди и полутврди леќи, а многу ретко како меки леќи.

Во продажните места на Прима Оптика можете да најдете контактни леќи од сите видови, да добиете стручен совет и мислење, како и бесплатен пробен премерок на Dailies Aqua Comfort Plus, еднодневна еднократна контактна леќа.