Материјали за изработка на контактни леќи

При купување на нови контактни леќи, освен нивното времетраење и начинот на користење, особено е важно да знаете од каков тип на материјал се изработени. Покрај параметрите кои Ви се препишани од Вашиот офталмолог, материјалот претставува најважна карактеристика на контактните леќи, бидејќи од тоа зависи колку леќите ќе бидат удобни и здрави за носење. Секое човечко око има различни карактеристики и потреби и затоа е особено важно да знаете што е тоа што е најдобро за Вашето око.


За да биде една леќа удобна и пријатна за носење, треба да биде изработена од материјал кој што содржи вода која што ја прави леќата мека и удобна, и да овозможува продор на кислород до рожницата кој што е особено важен за здравјето на окото.


Според тоа, леќите се делат на неколку видови:


-     Непропустливи PMMA контактни леќи: Непропустливите или "тврди" контактни леќи се првите леќи кои се произведени. Прв пат се произведени во 1960 година. Материјалот од кој се направени е еден вид пластика наречена PMMA (polymethyl methacrylate), материјал кој е многу долготраен, но не овозможува проток на кислород до окото односно до рожницата. При трепкање оваа леќа се изместува со што се овозможува кислород да допре до окото со помош на солзите кои ја допираат рожницата. PMMA контактните леќи можат да ја изгребат рожницата на окото доколку оваа леќа не лежи соодветно во окото или пак доколку се носат при спиење. Исто така овој тип на леќа е многу поверојатно да се измести од рожницата или пак може многу полесно да испадне од окото. Овој вид на леќи се најмалку комфорни и денес веќе скоро и да не се употребуваат. Сепак постои одреден број на луѓе кои го преферираат овој вид на леќи поради нивната долготрајност и пониска цена.


-    Гас-пропусни контактни леќи: Овој вид на контактни леќи се уште познати и како RGP. Тие се понова и посовремена изработка на тврди леќи кои се изработени од пластика во комбинација со неколку материјали како што се силикон и флуорополимери кои дозволуваат пропуштање на кислород директно низ леќата до окото. Токму поради оваа причина тие се наречени гас-пропусни леќи.


-     Меки контактни леќи: Овие леќи се изработуваат од пластични материјали кои се соединуваат со вода. Таа особина ги прави да бидат меки и доста флексибилни и исто така допуштаат кислородот да допира до окото. Меките леќи можат да бидат хидрогелни и силикон - хидрогелни леќи. Хидрогелните леќи се постар тип на меки контактни леќи. Хидрогелот има способност да ја привлече и задржи водата. Овие леќи содржат од 55% до 75% вода. Солзите рамномерно се распоредуваат и создаваат чувство на влажна и удобна леќа. Проблемот кај овој тип на меки леќи е во тоа што имаат мала пропустливост на кислород и поради тоа се склони кон оштетувања. Силикон - хидрогел леќите се изработени според софистицирана технологија. Содржат помал процент на вода, од 25% до 50%, но имаат исклучителна пропустливост на кислород, околу 5 пати повеќе од останатите меки леќи. Силиконот претставува водоотпорен материјал и проблем за производителите е како да ги поврзат хидрофобниот силикон со хидрофилниот хидрогел, за да се обезбеди површинска влажност која е потребна за удобно носење.  Новите силикон - хидрогел контактни леќи успеваат да направат успешна комбинација и со тоа новите леќи овозможуваат поголем процент на вода и одлична пропустливост на кислород.