Окото претставува најсофистициран и најчуствителен орган на човековото тело. Тоа е најважното човечко сетило, бидејќи преку окото се примаат 90% од информациите од околината. Делува слично како фотоапарат бидејќи светлината која што се одбива од предметите, се рефлектира на рожницата, поминува низ зеницата, се прилагодува и потоа паѓа на мрежницата на окото. Тука се наоѓаат 2 вида на фоторецептори: прачки кои што ја регистрираат светлината и конуси кои што ја регистрираат бојата. Потоа светлината се пренесува во центарот за визија кој се наоѓа во задниот дел на мозокот. Тука, добиените електрични имплуси се претвораат во визуелни слики. Интересно е тоа што секое око на мозокот носи поинаква слика, а сепак мозокот успева да ги спои во една слика.
Овој комплексен орган се состои од неколку делови, чие правилно функционирање овозможува вистинска слика.
- Рожница (cornea) - претставува прв дел од окото низ кој влегува светлината. Нејзина задача е да изврши прекршување на светлинските зраци бидејќи има најголема моќ на закривување. Закривувањето е различно, односно на предната страна е повеќе испапчена, додека задната страна е повеќе вдлабната. Се состои од 5 различни слоеви и содржи огромен број на нерви и со тоа претставува најчуствително ткиво во човековиот организам.
- Мрежница (retina) - претставува функционално најважен дел од окото бидејќи примената светлина ја претвора во електрични импулси кои потоа се испраќаат до мозокот, формирајќи на тој начин визуелна слика.
- Шареница (iris) - претставува обоен дел од окото. Нејзина задача е да ја менува големината на зеницата. При силна светлина, шареницата се стеснува и на тој начин оневозможува допирање на премногу силна светлина во окото. При гледање во темница, шареницата се шири и на тој начин овозможува подобра перцепција.
- Зеница (pupila) - претставува тркалезен отвор во центарот на шареницата (ирисот). Таа има црна боја бидејќи низ неа се гледа пигментираниот внатрешен слој на мрежницата.
- Белка (sclera) - претставува бел дел од окото, односно тврда, непроѕирна очна покривка, чија цел е да ја заштити структурата на окото. Прекрива 5/6 од од очното јаболко и е поврзана со 6 очни мускули кои овозможуваат движење на окото.
- Очна леќа (lens cristallina) - претставува проѕирна, биконвексна структура (бидејќи двете површини се испакнати кон напред). Со текот на годините очната леќа губи од својата еластичност и како последица се појавува пресбиопија, додека при губење на проѕирноста се појавува катаракта (заматеност на леќата).
- Очен нерв (nervus opticus) - Се состои од нервни влакна кои се протегаат од рецепторите во мрежницата на окото и се прошируваат кон центарот на визија. Негова задача е да ги спроведе електричните имплуси кои се создаваат од светлината во мрежницата до центарот за визија.