Мултифокални контактни леќи

Многумина незнаат дека постојат контактни леќи кои можат да бидат прогресивни, односно леќи кои можат да го корегираат видот и за далеку и за блиску. Најчесто, луѓето над 40 тата година од животот имаат потреба од користење на помагала за корегирање на видот за близина. Носењето на посебни очила за далеку и посебни очила за блиску и не е така лесно, поради потребата од постојано вадење и ставање на соодветните очила. Исто така, неколкуте пара очила не се најдобро решение за луѓето кои водат активен живот или пак за оние кои што се занимаваат со спорт. Затоа, мултифокалните контактни леќи се вистинскиот избор за голем број од светската популација која ја надминува 40 тата година.

Некои видови на мултифокални леќи имаат бифокален дизајн, односно вршат корекција на видот во две полиња – поле за блиску и поле за далеку. Новата генерација на леќи има мултифокален дизајн, слично како кај прогресивните стакла кои се користат за очила, односно имаат три полиња – поле за блиску, за средишно растојание и за далеку и овозможуваат одлична корекција на видот преку природна и непречена транзиција помеѓу сите полиња.

Како и кај еднофокусните леќи, така и кај мултифокалните леќи постојат различни типови: полутврди, гас-пропустливи и меки леќи, а според времетраењето можат да бидат дневни, месечни и годишни. За разлика од минатото, кога меките мултифокалните леќи можеа да ја корегираат само сферата, денес постои избор на мултифокални леќи кои успешно можат да ја корегираат и појавата на астигматизам.

Според дизајнот, мултифокалните леќи можат да имаат:

  • Концентричен бифокален дизајн – каде што делот за блиску е означен со мал круг во средината на леќата, опкружен со значително поголем круг која ја корегира диоптријата за далеку.
  • Наизменичен дизајн – достапен само во гас пропустливи леќи, каде што горниот дел е наменет за корекција на диоптрија за далеку, а долниот дел за корекција на диоптрија за блиску. Двата дела се одделени со речиси невидлива линија помеѓу нив. Поради поделбата само во две полиња, овие леќи се користат најчесто само при возење и читање.

  • Симултан дизајн – двете полиња, за блиску и далеку, се наоѓаат во предниот дел пред зеницата. Тоа значи дека мозокот мора да се насочи кој дел од објективот да го истакне, а кој да го игнорира, со цел да се обезбеди јасна слика.

Доколку Вашиот избор се мултифокални контактни леќи, особено е важно да ги знаете Вашите очекувања и да ги знаете предностите и недостатоците од носење на очила во однос на леќи. Мултифокалните контактни леќи можат да бидат совршено помагало за корекција на видот бидејќи овозможуваат чист и јасен вид во над 80% од дневните активности без употреба на дополнителни очила.